Во Франција задолжителниот период на изолација на лицата заразени со коронавирусот, кои се целосно вакцинирани, ќе се скрати од 10 на седум дена, соопшти денеска министерот за здравство, Оливие Веран.
Француските власти следат други земји, кои претходно оваа недела го скратија задолжителниот период на изолација, како што се САД.
„Изолацијата може да биде укината по пет дена во случај на негативен тест. Оние кои не се вакцинирани ќе мора да се изолираат 10 дена, со можност да излезат од изолација по седум дена под истите услови“, рече министерот Веран за француски „Журнал ди Диманш“.
Тој, исто така, рече дека новата варијанта омикрон е премногу заразна за да се запре нејзиното ширење, освен ако повторно не се воведе „строг локдаун“.
„Ќе останеме многу внимателни до крајот на јануари“, рече Веран, додавајќи дека сегашниот пораст на епидемијата предизвикана од сојот омикрон може да биде последен.
Според официјалните податоци објавени вчера, Франција стана шестата земја во светот која пријавила повеќе од 10 милиони заразени со ковид-19 од почетокот на пандемијата.