Од улиците на Белград во Србија до Скопје во Северна Македонија, низ целиот Балкан, одекнува слоганот „корупцијата убива“, скандиран од студентите револтирани од смртта на десетици луѓе во несреќи за кои се верува дека биле предизвикани од корумпирани системи, пишува денеска француската агенција за печат во написот со наслов „Младите се креваат на Балканот“.
Како што пишува „Франс прес“, првите демонстрации во Србија избија во ноември, по уривањето на настрешницата на новообновената железничка станица во вториот по големина град во земјата Нови Сад, при што загинаа 16 лица.
Наскоро дел од земјата ја виде раката на корупцијата во таа катастрофа, околу штотуку реновираната железничка станица, големи трошоци и нетранспарентни договори, пишува „Франс прес“.
Агенцијата посочува дека низ цела Србија на транспаренти, беџови и ѕидови се појавила крваво црвена рака и станала симбол на протестите што ја тресат земјата, најголеми од 1990-тите, а чие раководство набрзо го презеле студентите.
Во март, пишува француската агенција, црвената рака се појави и во Северна Македонија по драматичниот пожар во дискотека во Кочани во кој загинаа 59 лица. Агенцијата посочува дека дискотеката работела со незаконски добиена дозвола, дека без дозвола била користена пиротехника која го запалила таванот на преполната сала, дека на концертот на популарна група имало најмалку 600 луѓе, додека клубот имал право да прими само 250.
Како што пренесува „Франс прес“, илјадници луѓе демонстрираа во главниот град на Северна Македонија, Скопје, со транспаренти на кои пишуваше „корупцијата убива“, а демонстрантите извикуваа „убијци“ и бараа – целосна промена.
Франс прес ги пренесува зборовите на Софија Тодоровиќ, директорката на српскиот огранок на Младинската иницијатива за човекови права, која вели:
„Младите луѓе се доказ за многу подобро расудување и мудрост од претходните генерации. Тие навистина чувствуваат дека имаат улога, нивните гласови се бројат, ова е клучно за иднината на регионот“, рече Тодоровиќ, цитирана од „Франс прес“.
„Франс прес“ потсетува дека Србија е 105-та на листата од 180 земји за перцепција за корупција на невладината организација Транспаренси интернешнал, додавајќи дека Северна Македонија е 88-ма на таа листа.
Црна Гора, која исто така беше потресена од демонстрации на почетокот на 2025 година кога еден човек уби 13 луѓе на улица на 1 јануари, е 65-та на листата на перцепции за корупција, според агенцијата.
Во Црна Гора беа организирани неколку собири со барање за отпуштање на високи безбедносни функционери, реформи во полицијата, конфискација на нелегално чуваното оружје и подобра грижа за менталното здравје.
Како и во Србија и Северна Македонија, секоја демонстрација се одбележува со неколкуминутно молчење во чест на жртвите, наведува француската агенција. Во Бугарија минатата недела демонстрантите неколку минути молчеа на антикорупциските демонстрации насочени против пратеникот и поранешен магнат Дељан Пеевски, кој е под американски и британски санкции.
Не е исклучок и Грција, каде властите беа критикувани дека раководат со истрагата за смртта на 57 лица, меѓу кои и многу млади луѓе, во железничка несреќа во февруари 2023 година. Како што наведува агеницијата, стотици илјади луѓе демонстрираа за втората годишнина од таа катастрофа, што е вистинска колективна траума.
Текстот „Франс прес“ за протестите во Србија и Македонија: На Балканот младите протестираат против корупцијата е превземен од МАКФАКС.