Со појавата на локални и парламентарни избори на територија на Македонија, гласањето се одвивало слично на денешното, со гласачки кутии, објави Музејот на Македонија.
На фотографијата е претставена гласачка кутија од период на Македонија меѓу двете светски војни. Гласањето се одвивало на следниот начин: Доколку имало тројца кандидати биле поставувани три гласачки кутии. На влез на гласачкото место и по прикажување на документ за идентификација, гласачот добивал едно железно топче. Гласачот морал да ја стисне раката со топчето и да ја протне во трите кутии. Во една кутија го пуштал топчето. На крај на гласањето требало да ја покаже раката празна. Со тоа завршувал процесот и гласачот заминувал. Неправилностите на изборите не се современа појава. Уште тогаш биле поставувани луѓе, дури и под масите каде стоеле кутиите и нивна задача била да слушаат каде ќе тропне топчето. На тој начин знаеле кој за кого гласал, објави Музејот на својата Фејсбук страна.
Од Музејот велат дека заради тоа, топчињата биле заменети со гумени за да се намали звукот на паѓањето.