Двегодишно девојче е избрано за нова „жива божица“ во Непал, носена од нејзиното семејство од нејзиниот дом до храмовата палата во вторник за време на најважниот хиндуистички фестивал во земјата. Арјатара Шакја, стара 2 години и 8 месеци, е новата Кумари, или „девица божица“, која ја наследува својата претходничка, која традиционално се смета за обичен смртник по достигнувањето пубертет, објавува Си-ен-ен.

Кој може да биде Кумари?
Кумарите се избираат од кланот Шакја, кој припаѓа на заедницата Невар, домородна во долината Катманду. Тие се обожавани и од Хиндусите и од Будистите во претежно хиндуистичката нација. Девојчињата се избираат на возраст помеѓу две и четири години и мора да исполнуваат строги критериуми – мора да имаат беспрекорна кожа, коса, очи и заби и не смеат да се плашат од темнината.

За време на фестивалот Индра Џатра претходно овој месец, поранешната Кумари се возеше во кочија влечена од верници. Кумари секогаш носи црвена облека, косата ѝ е врзана во пунџа, а на челото има насликано „трето око“.

Вторникот го одбележа осмиот ден од Дашаин, 15-дневна прослава на победата на доброто над злото, а канцелариите и училиштата беа затворени за луѓето да можат да слават со своите семејства. Семејството, пријателите и верниците ја придружуваа новата Кумари низ улиците на Катманду пред да влезе во храмовата палата, која ќе биде нејзин дом во следните неколку години.

Верниците се редеа за да ги допрат нозете на девојчето со челата, највисок знак на почит меѓу Хиндусите во хималајската нација, и ѝ нудеа цвеќе и пари.

Новата Кумари утре ќе ги благослови верниците, вклучувајќи го и претседателот. „Вчера таа беше само моја ќерка, но денес е божица“, рече нејзиниот татко, Ананта Шакја.

Тој додаде дека има знаци дека таа ќе стане божица уште пред да се роди. „Мојата сопруга сонуваше за време на бременоста дека е божица и знаевме дека ќе биде некој многу посебен“, рече тој.

фото: принтскрин

Текстот (Фото) Двегодишно девојче прогласено за „жива божица“ во Непал е превземен од МАКФАКС.