Грешка во апликацијата Google Maps ги збуни возачите на германските автопати, откако покажа голем број црвени точки на знакот „стоп“.
Возачите, кои во четвртокот се нашле во близина на големи градови како Франкфурт, Хамбург и Берлин, имале впечаток дека голем дел од автопатите се непроодни, а истото се случило и во делови од Белгија и Холандија, објавува „Гардијан“.
Известувањата за затворање доведоа до блокирање на алтернативните патишта.
Возачите кои користеле или се префрлиле на другите апликации, како што се Apple Maps или Waze, или слушале вести за сообраќајот на своите радио станици, добиле сосема спротивна слика, која ја одразувала реалната состојба на патиштата, односно дека сообраќајот се одвивал непречено.
Корисниците на социјалните мрежи, исто така, изразија збунетост, а некои од нив стравуваа дека метежот на патот е предизвикан од терористички напад.
Причината за грешката во апликацијата сè уште не е позната, а портпаролот на Google изјави дека инцидентот е под истрага.