Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион од типот Cessna 525.
Леталото проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.