Европа прецизно испланира како да испрати војници во Украина, изјави синоќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Безбедносните гаранции се поважни од сè. Тие се апсолутно клучни“, изјави фон дер Лајен, објави „Фајненшл тајмс“.
Таа изјави дека постои план за безбедносни гаранции, за кој европските лидери се согласиле во Белата куќа.
„(Американскиот претседател Доналд) Трамп нè увери дека и американските војници ќе учествуваат во поддршката на Украина, што е потврдено неколку пати“, рече фон дер Лајен.
Таа додаде дека Трамп сака мир, но дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да седне на преговарачката маса.
„Путин не го прави она што вели дека ќе го направи“, смета фон дер Лајен.
Таа изјави дека ЕК ќе истражи нови канали што можат да помогнат во одржливото финансирање на украинската армија и дека постојните канали за помош, вклучително и буџетската поддршка, треба да продолжат да функционираат во мирно време.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, завчера изјави дека средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега, Володимир Зеленски, е малку веројатна и дека можеби ќе бидат потребни американски авиони за да ѝ помогнат на Европа да ја заврши војната.
„Трилатерална средба ќе се случи, билатерална – не знам. Понекогаш луѓето не се подготвени за тоа. Користам аналогија. Имате дете, а друго дете е на игралиштето. Тие се мразат меѓусебно и почнуваат да се тепаат. Сакате да престанат, но тие продолжуваат. По некое време сакаат да престанат. Понекогаш мора да се борат малку пред да можете да ги натерате да престанат. Но, тоа се случува веќе долго време. Многу луѓе загинаа“, рече Трамп во интервју за американскиот весник „Дејли Колер“.
Тој додаде дека е подготвен да помогне со безбедносни гаранции, дури и ако тоа вклучува воздушна поддршка од САД, за да се запре војната.
Текстот Фон дер Лајен: Трамп сака мир, но Путин не сака да седне на преговарачката маса е превземен од МАКФАКС.