Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес разговараше телефонски со украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп по веста за комбинираниот руски напад синоќа, во кој беше погодена и Делегацијата на ЕУ во Украина, меѓу другите цивилни цели.
„Тукушто разговарав со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа и со американскиот претседател Доналд Трамп по масовниот напад врз Киев, кој ја погоди и нашата канцеларија во ЕУ“, напиша фон дер Лајен на платформата X.
Таа рече дека рускиот претседател Владимир Путин мора да започне преговори со Киев.
„Путин мора да седне на преговарачка маса. Треба да обезбедиме праведен и траен мир за Украина со цврсти и веродостојни безбедносни гаранции“, истакна претседателката на Европската комисија.
Таа додаде дека Европа „целосно ќе ја одигра својата улога“.
„Нашиот одбранбен инструмент SAFE, на пример, ќе биде важен за зајакнување на храбрите украински вооружени сили“, истакна фон дер Лајен.
Таа претходно објави дека руските напади врз Киев, во кои загинаа 18 лица во текот на ноќта, меѓу кои и четири деца, „само ќе го зајакнат единството на Европа и пркосот на Украина“.
Фото: принтскрин
Текстот Фон дер Лајен: Путин мора да седне на преговарачка маса, Европа ќе ја одигра својата улога е превземен од МАКФАКС.