Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека вчера во телефонски разговор му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдоброто долгорочно решение за конфликтот со Иран.
Но, фон дер Лајен не побара итен прекин на огнот, велејќи дека Иран дефинитивно не треба да има нуклеарно оружје.
„Секако, мислам дека преговорите се, на долг рок, најдоброто решение“, додаде таа.
Таа повтори дека Израел има право да се брани, но нагласи дека дипломатското решение е најдобрата опција на долг рок за решавање на нуклеарната програма на Иран.
„Иран е главен извор на регионална нестабилност и ние отсекогаш сме биле многу јасни – Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје“, рече фон дер Лајен.
„Неодамнешните настани покажаа растечка поврзаност помеѓу конфликтите во Европа од една страна и Блискиот Исток од друга страна. Истиот тип ирански беспилотни летала и балистички ракети погодуваат градови и во Украина и во Израел“, додаде таа.
Лидерите на Г7 се собраа во Канада на тридневен самит што се одржува во сенка на опасната воена ескалација меѓу Израел и Иран што би можела да ескалира во поширок регионален конфликт.
Покрај тензиите на Блискиот Исток, денес лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, глобалните трговски спорови, миграцијата и обезбедувањето пристап до ретки минерали.
„Треба да извршиме поголем притисок врз Русија за да гарантира вистинско примирје, да ја донесеме Русија на преговарачка маса и да ја завршиме оваа војна, а санкциите се клучни за таа цел“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција пред состанокот на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.
„Минатата недела изнесовме предлог за пакет од 18 санкции. Ќе ги повикам сите партнери на Г7 да ни се придружат во овој напор“, рече фон дер Лајен.
Текстот Фон дер Лајен: Му кажав на Нетанјаху дека преговорите со Иран се најдобрата опција е превземен од МАКФАКС.