Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес во Париз објави пакет од 500 милиони евра за привлекување истражувачи и научници во Европа. „Науката е инвестиција и ние мора да понудиме соодветни стимулации. Затоа можам да објавам дека ќе предложиме нов пакет од 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година за да ја направиме Европа магнет за истражувачите“, рече фон дер Лајен во говорот на Универзитетот Сорбона во Париз.

„За да го олесниме доаѓањето на истражувачите, сакаме да им помогнеме на јавните и приватните институции подобро да се поврзат со висококвалификувани експерти и истражувачи и да го забрзаме и поедноставиме влезот на висококвалификувани истражувачи во Европската Унија“, рече таа.

Минатиот месец, францускиот претседател Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен изјавија дека ќе се обидат да поканат научници и истражувачи од целиот свет во Европа, во време кога администрацијата на Трамп се заканува дека ќе го намали федералното финансирање за американските универзитети.

Таа посочи дека Европа има развиена истражувачка инфраструктура и најави дека ЕУ и нејзините земји-членки сакаат да ги зголемат инвестициите во науката на 3 проценти од БДП до крајот на оваа деценија.

„Избираме да ги ставиме истражувањето и иновациите, науката и технологијата, во срцето на нашата економија. Сакаме да бидеме континент каде што универзитетите се столбови на нашите општества и нашиот начин на живот“, додаде таа.

Текстот Фон дер Лајен: Инвестираме 500 милиони евра за да донесеме научници во ЕУ е превземен од МАКФАКС.