Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, изјави дека буџетот на Европската унија е дизајниран за свет кој повеќе не постои и на кој му недостасува флексибилност во услови на растечки геополитички и трговски тензии.

„Денес, геополитичките тензии растат. Трговските правила се препишуваат. Екстремните временски промени стануваат сè почести поради климатските промени, а технолошките промени се побрзи од кога било. „Новата нормалност“ е сè освен нормална“, рече фон дер Лајен на Годишната конференција за буџетот на ЕУ во Брисел, пренесува агенцијата Анадолија.

Таа нагласи дека им е потребен пофлексибилен, агилен и прилагодлив буџет, додавајќи: „Денес работиме со буџет дизајниран во 2019 и 2020 година. Друг свет“.

Објаснувајќи дека буџетот значи повеќе од голем број средства и правила, Фон дер Лајен изјави дека буџетот директно влијае на животот и постоењето на луѓето.

Таа истакна дека во изминатите пет години постојано ги тестирале границите на тоа што може да се направи со буџетот, потсетувајќи дека во случај на каква било вонредна состојба, одржувале долги состаноци и барале начини за насочување на буџетските средства.

Таа, исто така, објасни дека тие собирале пари за земјите-членки во рамките на фондот што го основале за време на изолацијата за време на пандемијата Ковид-19 и тешкиот економски пад, и дека ги користеле средствата за вонредни ситуации во буџетот за финансирање на економското закрепнување и енергетската безбедност.

Нагласувајќи ја потребата од поголемо фокусирање на најважните прашања и важноста од поедноставување на пристапот до европските фондови, таа повтори дека секој регион има свои специфични услови и предизвици и дека новиот буџет ќе биде изграден врз нова структура – национално и регионално партнерство за инвестиции и реформи.

„Во нашиот следен буџет, централно место ќе имаат кохезијата и заедничката земјоделска политика“, рече таа.

Долгорочниот буџет на ЕУ се нарекува повеќегодишна финансиска рамка. Тој однапред ги одредува годишните горни граници за алокации за расходните ставки во буџетот на блокот и има за цел да ги распредели ресурсите во согласност со приоритетите на политиката на ЕУ. Буџетот на ЕУ се подготвува за седумгодишни периоди, со ограничувања на трошењето утврдени со правила.