Премиерот на Словачка Роберт Фицо денеска изјави дека Европската унија мора да се „тргне“ од војната во Украина и да разбере дека мора да биде суверена во своите ставови и мислења доколку сака да опстане.

Коментирајќи го телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, Фицо ја критикуваше ЕУ дека нема доволно информации за односите меѓу САД и Русија, наведувајќи дека за исходот од војната во Украина ќе одлучуваат Трамп и Путин, пренесе ТАСР.

„Ние во ЕУ немаме поим што всушност се случува во односите меѓу САД и Русија, кои се клучни за ставање крај на овој воен конфликт. Не знам дали е малку непријатно кога некои членки и институции на ЕУ бараат место на преговарачката маса“, рече Фицо.

Премиерот на Словачка истакна дека оние кои непоколебливо го поддржувале продолжувањето на конфликтот во Украина, сега немаат одговори за тоа што се случува.

„Никој денеска не разговара со ЕУ, и покрај се што направи и колку пари и даде на Украина“, додаде Фицо.

Тој истакна дека по телефонскиот разговор на Трамп со Путин, американскиот претседател му се јавил на украинскиот лидер Володимир Зеленски за да му каже што го чека, вклучително и можноста за организирање демократски избори во Украина.

Според Фицо, ЕУ е вториот голем губитник по Украина.

„ЕУ до денес нема свој став за клучните надворешнополитички прашања и само слепо ја копира администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден кога станува збор за војната во Украина“, рече Фицо.

Тој предвиде дека Трамп ќе побара од Украина да и врати се што и дал Бајден, додека на Европа ќе и нареди да увезува уште повеќе гас и нафта од САД, а ќе постави ултиматум до сојузниците во НАТО за зголемување на трошоците за одбрана.

Тој исто така нагласи дека Путин ќе ја контролира територијата во Украина и дека ќе добие гаранција дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО.

Фицо смета дека Украина ќе изгуби една третина од својата територија и рудното богатство, дека нема да биде во НАТО и дека на нејзина територија ќе бидат присутни странски војски, пренесува Танјуг.

Текстот Фицо: ЕУ мора да се тргне од војната во Украина и да стане суверена во своите позиции е превземен од МАКФАКС.