Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека нема да го поддржи 19-тиот пакет санкции против Русија, освен ако заклучоците на Европскиот совет не содржат, како што изјави, „разумни предлози и насоки“ за Европската комисија.
Зборувајќи на собирот „Ден на извозот на ЕУ“, посветен на зајакнување на подготвеноста за извоз и конкурентноста на компаниите надвор од ЕУ, Фицо истакна дека Европскиот совет мора да се справи со клучните економски прашања, а не само да ѝ помогне на Украина, објави словачки „Справи“.
„Нема да го поддржам 19-тиот пакет санкции против Русија сè додека не видиме разумна формулација и упатства за Европската комисија во заклучоците на Европскиот совет“, рече Фицо, додавајќи дека лидерите на ЕУ имаат обврска да ја водат Комисијата како извршен орган на Унијата.
Тој нагласи дека е потребно да се дадат конкретни предлози во врска со индустријата, особено автомобилската индустрија, како и цените на електричната енергија.
Фицо ги повика политичките и економските актери во Словачка да се подготват за идното обновување на односите со Русија, бидејќи, како што изјави, „по завршувањето на војната, ќе биде потребно да се бараат деловни можности во таа земја“.
Премиерот на Словачка го критикуваше Европскиот совет за, според неговите зборови, прекумерна концентрација на Украина, додека проблемите со конкурентноста на земјите од ЕУ се занемаруваат.
„Ако не го решиме прашањето на извозот и високите цени на енергијата, нашите производи нема да можат да бидат конкурентни на светскиот пазар“, предупреди Фицо.
Осврнувајќи се на планираната забрана за производство на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, Фицо повика на преиспитување на таа одлука со продолжување на рокот или промена на условите.
„Автомобилската индустрија во Словачка учествува со околу 40 проценти во извозот и 10 проценти во БДП. Ако го оставиме тоа настрана, и знаеме во каква криза се наоѓа, и не кажеме ништо на следниот Европски совет, се поставува прашањето, зошто воопшто се состануваме, освен за Украина?“, заклучи Фицо.
Фото: принтскрин
Текстот Фицо: Без разумни предлози, нема да поддржам нови санкции против Русија е превземен од МАКФАКС.