Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го поздрави барањето на Шведска и Финска да се приклучат кон Северноатлантската алијанса, опишувајќи го како историски момент.
„Ова е добар ден во критично време за нашата безбедност. Ви благодариме многу за поднесувањето на апликациите за членство во НАТО. Секој народ има право да си го избере својот пат. И двајцата го направивте вашиот избор по целосното завршување на демократскиот процес и срдечно ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за членство во НАТО“, рече Столтенберг.
Финска и Шведска одлучија да се приклучат на најголемиот воен сојуз во светот, поттикнати од загриженоста за нивната безбедност по руската инвазија на Украина.
„Во последните неколку дена видовме бројни изјави од сојузниците посветени на безбедноста на Финска и Шведска. НАТО веќе е буден во регионот на Балтичкото Море. НАТО и сојузничките сили ќе продолжат да се прилагодуваат по потреба. Сите сојузници се согласуваат за важноста на проширувањето на НАТО. Сите се согласуваме дека треба да останеме заедно и сите се согласуваме дека ова е историски момент што треба да го искористиме“, додаде Столтенберг.
Пристапниот процес се очекува да трае две недели, додека ратификацијата во парламентите на 30 земји-членки која обичо трае до една година, НАТО сака да ја придвижи .
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред два дена ги обвини Финска и Шведска дека не зазеле силен став против курдските милитанти и вовеле воени санкции кон Турција.
„Ниту една од овие две земји нема отворен, јасен и силен став против терористичките организации. Не можеме да им кажеме „да“ на оние кои воведоа санкции кон Турција за членство во НАТО, која е безбедносна организација“, рече Ердоган.
Финска и Шведска досега беа неутрални држави, но војната во Украина ја промени перцепцијата на населението на овие две земји кои масовно го поддржаа нивното членство во НАТО, што сега го гледаат како штит од каква било можна инвазија на Русија.
Исуф Кадриу