Друштвото на филсмките работи упати отворено писмо до министерот за култура Зоран Љутков, јавноста и медиумите, во кое реагира на предлог буџетот за филм за 2025 година и барa од Владата, Министерството за култура и Министерството за финансии негово ревидирање и проектирање на реален буџет за филм.
Писмото го пренесуваме во целост:
„Почитуван Министер за култура Зоран Љутков,
Веста за вашето назначување за министер за култура, ние во Друштвото на филмските работници и сите наши колеги филмаџии, ја примивме со голема радост. Радоста, зачинета со надеж, доаѓаше од фактот што министерството од кое со години наназад потекнуваа нашите проблеми, конечно ќе го раководи човек кој суштински разбира што значи да се биде филмски работник и знае дека ниту еден од луѓето кои ги гледа на филмските сетови, каде што работниот ден трае најмалку 12 часа, не добива државна плата на 1-ви, туку нивните приходи зависат единствено од снимачките денови кои ќе бидат реализирани.
Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно.
Македонските продуценти секојденево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а нашата држава престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации.
Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување.
Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажуваше дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а особено во текот на 2023 година во неколку наврати алармираше дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на нашата кинематографија.
Денес повторно јавно укажуваме дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Затоа бараме од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. Воедно, како филмски автори и филмски професионалци за кои работата на филм значи се, ја истакнуваме неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм.
Веруваме дека Министерството за култура ќе ги земе во предвид нашите укажувања и нема да ја продолжи погубната политика од минатите години, затворајќи ги очите пред успесите на македонскиот филм, ниту ќе го игнорира фактот дека нашите филмови се апсолутен предводник во промоцијата на македонската култура во светот. Исто така, убедени сме дека после долго време Министерството ќе покаже вистинско разбирање за
специфичноста на филмската дејност и начинот на кој филмаџиите ја остаруваат својата материјална егзистенција.
Дозволете нѝ уште еднаш да ја искажеме нашата подготвеност за соработка со Агенцијата за филм, Министерството за култура, и сите останати релевантни институции, и ставање на располагање на капацитетите кои ги имаме во разбирање, поддршка и помош при утврдување на состојбите и изнаоѓање на решенија“, се вели во писмото.
Текстот „Филмаџиите не добиваат плата на први, зависат од снимање“ – Друштвото на филмските работници бара издвојување на поголем буџет за филм е превземен од МАКФАКС.