Вечерва со почеток во 19 часот, во Галеријата Метаоја во Скопје ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на истата учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки / потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица – штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар, за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година, предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа за цел само да создадат ликовни дела кои ќе го збогатат творештвото на арт брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики кои ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста која се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена се до 10 септември.
Текстот Физиогномски белешки/потиснати соништа – ликовна изложба во Галеријата Метаоја во Скопје е превземен од МАКФАКС.