Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7-12 август во Дојран.

-По втор пат ова година ќе ја доделиме наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, на актер од Балканот и Медитеранот. Лауреат на фестивалот ќе биде големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски. Човек кој во својата речиси петдецениска кариера беше и сеуште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и Медитеранот. Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“ а другиот е „Збогум на дваесетиот век“, но игра и една од позначајните рољи во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски. Лазар Ристовски е добник на бројни награди и признанија на речиси најголемите филмски фестивали во светот, на Балканот, Медитеранот и во Србија, а добитник е и на најголемите национални признанија за неговата општествена и политичка ангажираност во неговата земја. Тој е основач и директор на филмскиот фестивал „Дуго село“ кој се одржува во Војводина во Србија, рече денска на прес-конференцијата, директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.

Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен големиот актер, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски во кој ќе може да се вклучи и публиката која ќе биде присутна во прекрасното опкружување на магичната филмска сцена покрај брегот на езерото во Дојран.

-Избрана селекција од најголемите остварувања на Лазар Ристовски како негово претставување ќе имаме во Гевгелија, каде во 3 вечери ќе покажеме три избрани филмови на Лазар Ристовски, заедно со селекцијата на кусометражната селекција, информираше Бојаџи.

Фестивалот и годинава во текот на 5 фестивалски денови ќе го промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и култура со моќта на уметноста на раскажување приказни од нас, со нас и за нас. Но, исто така го промовира туризмот, историјата и духовните вредности. Оваа година програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и Гевгелија.

-Минатото издание на „Преку езерото“, програмата беше составена од три селекции: филмови за деца и млади, краткометражни играни и документарни филмови и официјалната селекција на долгометражни играни филмови која беше најдоброто од Медитеранот и Балканот за таа година од фестивалите во Македонија и регионот, рече Бојаџи.

Освен филмската програма, „Преку езерото“ во 2024 година реализираше и работилница за развој на сценарија и продукција за дипломски студентски играни кусометражни филмови, каде што многу успешно се претставија 4 студенти од Универзитетите за филм и телевизија во Македонија.

-Беа доделени 4 гранта во износ од по 1 милион денари за снимање и постродукција на филмовите. Во овој момент два од грантираните филмови се целосно снимени и се во фаза на пост продуцкија. Другите два се продуцкиски подготвени и наскоро ќе влезат во производство со што на Преку езерото 2025 година ќе имаме 4 светски премиери на кусометражни македонски дипломски филмови. Дополнително беше организирана и еднодневна работилница за деца и млади од Гевгелија кои работат на проект за снимање на кусометражни филмови со социјална и еколошка тематика. Ова година, нивните работи ќе бидат премиерно прикажани на фестивалот како дел од програмата за деца и млади, подвлече Бојаџи.

За филмовите кои се селектирани во официјалната програма на фестивалот информираше Небојша Јовановиќ, уметнички директор на фестивалот.

-Главната натпреварувачка програма оваа година ќе донесе 6 свежи медитерански приказни, кои во себе носат силна провокација за сетилата на гледачите, во визуелна и наративна смисла, но и особена актуелност за она што важно се случува околу нас. Гледачите и јавноста во Дојран оваа година ќе имаат можност да видат една силна филмска програма преку која ќе доживеат исклучителна вештина за раскажување на прикаски преку слики и звук или поточно со алатките на филмскиот јазик, рече Јовановиќ.

Тој посочи дека изборот на филмови е направен така што во нив има тематска разноликост и културолошки диверзитет, преку застапеност на повеќе културни матрици.

Филмови во главната селекција се:

1. THE NEW YEAR THAT NEVER CAME by Bogdan Muresanu
НОВАТА ГОДИНА КОЈА НИКОГАШЕ НЕ ДОЈДЕ на Богдан Муресану, Романија, 2024

2. NAKON LIJETA (MY LATE SUMMER) by Danis Tanovic, Bosnia and Hercegovina

КОГА ЛЕТОТО ЌЕ ЗАМИНЕ на Данис Тановиќ, Босна, 2024

3. MEAT by Dimitris Nakos / МЕСО на Димитрис Накос, Грција, 2024

4. ANYWHERE ANYTIME by Milad Tangshir / БИЛОКАДЕ, БИЛОКОГА на Милад Тангшир, Италија, 2024

5. DWELLING AMONG THE GODS by Vuk Rsumovic./ ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ НА Вук Ршумовиќ, Србија, 2024

6. LITTLE TROUBLE GIRL/ МАЛИ ПАЛАВИ ДЕВОЈКИ на Уршка Џукиќ, Словенија, 2025.

На затворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Стелиос“ на Никос Казанзикис, со жирито ќе претседава минатогодишниот лауреат на Гран При за најдобар медитерански долгометражен филм, режисерот Христос Пасалис од Грција, а членови ќе бидат и двајца филмолози и филмски критичари од Македонија и од регионов.