Федералните обвинители го известиле поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека е цел на истрага за ракување со доверливи материјали, јави Еј-би-си њуз.
„Политико“ одделно објави дека обвинителите му испратиле писмо на Трамп во кое го известиле дека е под истрага, но не го разјасниле предметот на таа истрага.
Министерството за правда обично ги известува луѓето кога ќе станат цел на истрага за да им даде шанса да ги претстават сопствените докази пред големата порота. Известувањето не мора да значи дека Трамп ќе биде обвинет.
Изборниот штаб на Трамп не одговори веднаш на барањето за коментар, а адвокатите не биле достапни за коментар.
Трамп, фаворит во трката за републиканска претседателска номинација во 2024 година, постојано ги оценува истрагите против него како политички мотивирани.
Федералната голема порота го истражува задржувањето на доверливи материјали на Трамп откако тој ја напушти Белата куќа во 2021 година.