Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри лекот против коронавирус „Евушелд“, на „Астра Зенека“.
Лекот е таканаречен „коктел“ од антитела што ја спречува инфекцијата со ковид на лицата со ослабен имунитет и на оние кои имале силни несакани ефекти од вакцинацијата, а е одобрен само за возрасни и адолесценти кои досега не биле заразени со ковид, ниту пак биле во контакт со заразени лица.
Како што пренесува „Гласот на Америка“, истражувањата покажале дека лекот „Евушелд“ ја спречува инфекцијата со ковид и манифестирањето на симптомите во 77 отсто од случаите.
„Иако вакцините се најефикасна заштита од ковид-19, на луѓето со ослабен имунитет и на оние кои лошо реагирале на вакцините им треба алтернатива“, рече една од директорките на ФДА, Патриша Кавазони.
Сепак, од ФДА додадоа дека лекот на „Астра Зенека“ не е замена за вакцинирање на луѓе за кои е препорачана вакцината. Предвидено е лекот да се дава во две инјекции, а заштитата трае од седум месеци до една година.
Вакцината на „Астра Зенека“ сè уште не е одобрена во САД.