ФБИ објави дека истражува „што се чини дека е обид за атентат“ на поранешниот претседател Доналд Трамп, откако Тајната служба вчера пукаше врз вооружен маж во неговиот голф клуб во Вест Палм Бич, Флорида. Епизодата доаѓа само два месеци откако Трамп беше ранет при обид за живот на митинг во Пенсилванија.
Трамп бил на патеката, неколку стотини јарди подалеку, кога агентите на Тајната служба отвориле оган врз осомничениот, кој побегнал од местото на настанот со возило и подоцна бил приведен, рекоа официјалните лица за спроведување на законот, пренесува Њујорк тајмс. Од грмушките во близина на линијата на имотот е пронајдена пушка со дурбин, соопштија официјални лица. Претставник на тајната служба рече дека се уште не е јасно дали осомничениот испукал некаков истрел.
Американски службеник за спроведување на законот го идентификуваше осомничениот како Рајан Весли Роут (58) од Хаваи. Службеникот зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи истрагата продолжува.
Според детали кои набрзо се појавија за осомничените, Рут бил интервјуиран од Њујорк тајмс во 2023 година за напис за Американците кои доброволно се пријавија да помогнат во воените напори во Украина. Рут, кој немал воено искуство, рече дека отпатувал таму по руската инвазија во 2022 година за да регрутира авганистански војници за борбата. Тој изјави за Тајмс дека еднаш го посетил Вашингтон за да се сретне со политичарите за да ја зајакне поддршката за Украина.
Како што пренесува Си-ен-ен, според шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, Тајната служба забележала цевка од пушка како излегува од оградата и агентите пукале во маж кој бил во грмушките долж периметарот. Осомничениот побегнал со автомобил и бил приведен откако бил запрен на автопатот.
Според три извори од органите на редот кои зборуваа за Си-ен-ен, лицето кое е приведено е Рајан Весли Роут, . Рут, кој поседува мала градежна компанија на Хаваи, го критикуваше Трамп на социјалните мрежи.
Осомничениот бил на оддалеченост од 300 до 500 јарди од Трамп. Органите на редот пронашле пушка во стилот АК-47, камера ГоПро и ранци каде што бил сместен осомничениот.
Синот на осомничениот Рајан, Оран Рут рече дека се надева дека сè е „само неразмерно надувано“ и дека не е својствено неговиот татко „да прави нешто лудо, а уште помалку насилно“.
Тој го нарекол својот татко „љубезен и грижлив татко и чесен вреден човек“.
Драган Мишев