ФАШИСТИЧКО ДЕФИЛЕ ВО ИТАЛИЈА: Инцидент, морбиден потсетник или реалност

ЏАБИР ДЕРАЛА

Не е важно дали премиерката и претседателка на Браќата на Италија (Fratelli d’Italia), Џорџа Мелони, навистина го мисли или не го мисли тоа што го кажа за фашистичкиот собир во Рим на 7 јануари. Едноставно, идеолошката матрица на партијата што ја води Мелони, влече корени од фашизмот на Бенито Мусолини. Почнувајќи од италијанските социјалисти, завршувајќи со академските истражувања, хроники и анализи – Браќата на Италија ги опишуваат, најблаго речено, како ултрадесничарска партија со неофашистички корени и политики.

@vicenews

Hundreds of far-right sympathisers were seen giving a fascist salute at a ceremony in Rome on Sunday to commemorate the deaths of three teenagers killed in political violence. #italy #rome #salute #accalarentia #rally

♬ original sound – VICE News

Резервите и стравувањата непосредно по доаѓањето на власт на Мелони во септември 2022 година, дека се враќа фашизмот во една голема и важна членка на ЕУ, во голема мерка се покажаа како неосновани. Мелони води партија која, освен по неофашизмот, беше позната како евроскептична, ксенофобична и националистичка, и промовираше скептицизам кон поддршката за Украина.

Првата реакција на потписникот на овие редови беше во текстот објавен на 26 септември, каде што, меѓу другото, пишува:

Постизборното утро во Италија донесе една добра вест:  стана извесно дека една од најмоќните држави во Европа за првпат ќе добие жена на премиерската функција. Добрите вести завршуваат тука. Џорџа Мелони е на чело на партијата со „машко“ име – „Браќа на Италија“ што е најрадикална десничарска партија во италијанскиот политички мејнстрим – нескриено негувајќи ги фашистичките традиции.

Истиот ден кога премиерката Мелони седна во премиерската фотелја, со своите изјави и постапки, почна да ги смирува загрижените. Веднаш даде повеќе проевропски изјави, се сретна со украинскиот лидер Зеленски и го убеди дека големата светска седморка Г7 ќе продолжи со силна поддршка на украинската борба за слобода.

Но фашистите од редовите на Фрателите и во другите (не така малубројни) неофашистички групи и политички партии на Апенинскиот Полуостров – не мислат како премиерката. Друго е прашањето колку и таа самата е искрена, имајќи предвид дека член на нејзиниот владин состав е и еден Галеацо Бињами, потсекретар во министерството за инфраструктура, сликан со свастика во 2005 година.

Galeazzo Bignami, 2005

Собирот на кој неколку стотици мажи, наредени во неколку (италијански неуредни) строеви, поздравуваат со фашистичкиот поздрав, со громогласни фашистички извици, исто како 100 години порано – претставува морбидна опомена за целиот свет. (Прочитајте: „100 години од инаугурацијата на фашизмот како владеачка идеологија“ – од Љубомир Костовски за ЦИВИЛ МЕДИА.)

Мелони можеби и не е евроскептик, а можеби и навистина верува во сопствената изјава дека „фашизмот ѝ е предаден на историјата“ и дека Браќата на Италија не се фашисти. Како што авторот напиша во првата реченица – тоа не е важно. Важно е – дали во тоа верува членството на партијата што ја води. Судејќи по видео снимките што го обиколија светот, одговорот е НЕ.

Од оваа точка, за Мелони има неколку линии на расплет. Во сите линии, како и да се развие сторијата на италијанската премиерка и нејзината (владејачка) партија, ќе доминира една историска поука. Со десничарски популизам (нека не е и фашизам), не можете да градите демократско и прогресивно општество, бидејќи тој – или ќе ве апсорбира или ќе ве прегази.

Половина светско население ќе мине низ изборен процес годинава. Добро е да се има оваа сторија во пресрет на глобалното изборно цунами.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.