Една недела по трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар, учениците се враќаат во училниците. Наместо редовна настава, на децата ќе им се обезбеди поддршка и отворен разговор. Наставата ќе започне кога учениците и наставниците ќе проценат дека е дојдено време.
Оние ученици што сакаат денес можат да започнат со настава, но оставено е родителите да ја донесат конечната одлука бидејќи состојбата на секое дете е индивидуална и сè уште не се сите подготвени, пренесуваат српските медиуми. Во училиштето се поканети да дојдат и родителите со своите деца кои на овој прв ден по несреќата ќе имаат два часа кои ќе ги поминат со одделенските раководители.
Активностите ќе бидат приспособени на потребите, а децата, родителите и наставниците ќе можат да разговараат со психолозите кои се во училиштето за да им дадат поддршка.
Вчера, како што пренесува РТС, во училиштето се одржале два состанока на членовите на Советот на родители и на крајот била донесена одлука да се усвои препораката на Министерството за образование, психолозите и експертите и децата да се вратат на својата рутина.
Денеска, како и претходните два дена, вратите на училиштето се отворени од утрото за продолжен престој на учениците од прво до четврто одделение.
На влезот од училиштето има полицајци, додека настрана стојат инспектори во цивилна облека.
За утре е предвидено учениците да имаат еден час повеќе од денес, а потоа да има родителски средби. Родителите треба да се информираат за плановите за следната недела. На нив работат претставници од надлежните министерства, наставници, родители и психолози.
Училиштето ги отвора вратите една недела по трагедијата кога 13-годишно момче изврши масакр и уби осум соученици и чувар, а повреди уште шест деца и еден наставник.