Пред 23 години НАТО ги истрела првите проектили врз цели на српската војска и полиција за да го спречи етничкото чистење на Косово. Алијансата ја направи вистинската работа за народот на Косово, изјави американскиот генерал Весли Кларк, кој беше врховен командант на европските сили на НАТО.
„Сè уште ви треба нашата помош, го знаеме ова, го цениме. Ве сакаме и сакаме да го имате најдоброто за вашата демократија и за секој од вас, за вашите животи како членови на западната заедница. Ќе ве следиме и ќе направиме сè што можеме за да ве поддржиме“, рече Весли Кларк, американски генерал.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека војната во Украина потврдува дека интервенцијата на НАТО во Косово била исправна и оти свеста на народот за слобода останува најмоќниот мотор во историјата. Србија, додаде Курти и 23 години по војната не се извинува за злосторствата на Косово.
„Наместо да ги отворат државните архиви кои би ја расветлиле судбината на насилно исчезнатите, српските власти ги оправдуваат геноцидните дејствија на Милошевиќ и го обвинуваат НАТО за бомбардирањето“, рече Курти.
За време на оддавањето почит на бистата на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, која вчера почина на 84-годишна возраст, премиерот Курти рече дека интервенцијата на НАТО за запирање на геноцидот на Косово го носи нејзиниот печат. Поради смртта на Олбрајт Косово утрешниот ден го прогласи за ден на жалост. За нејзината работа за демократијата и човековите права, во 2012 година Олбрајт го доби Претседателскиот медал на слободата, што е највисока цивилна награда во САД. За нејзиниот придонес во ослободувањето на Косово, во Приштина, во 2019 година, беше откриена биста во нејзина чест.
Шкелзен Аќифи