Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва ќе го прими својот украински колега Володимир Зеленски, пред самитот на земјите кои се подготвени да помогнат во обезбедувањето евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
Франција и Обединетото Кралство ја предводат иницијативата за формирање коалиција составена од земји кои се подготвени да осигураат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Концептот треба да биде финализиран на самитот во Париз утре.
Западните сојузници на Украина размислуваат за надгледување на можна демилитаризирана зона на границата меѓу Русија и Украина, според информациите до кои дојде германската новинска агенција дпа.
Ова првенствено би се постигнало од воздух и со користење на технички средства како што се сателити и беспилотни летала. Поморските единици ќе бидат распоредени и за следење на слободата на минување во Црното Море.
Според плановите, конвенционалните мировни сили би можеле да се мобилизираат во рамките на Обединетите нации и би биле составени исклучиво од војници од непристрасни, трети земји.
Европските сили потоа би можеле да бидат стационирани на западната украинска граница и да понудат програми за обука за нивните украински партнери.
Главниот безбедносен гарант би биле Соединетите Американски Држави, нуклеарна суперсила.
Макрон ќе го прими Зеленски во 18 часот.
Текстот Утре во Париз самит за Украина, Макрон и Зеленски се среќаваат вечерва е превземен од МАКФАКС.