Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска е успешно опериран во Белград, соопштија од Кабинетот на претседателот на Република Српска.

По неколкучасовна комплицирана операција, која започна во 8 часот, претседателот Додик беше сместен на Одделот за интензивна нега.

Во соопштението се додава дека претседателот на Српска им се заблагодарил на странските државници и на сите жители на Република Српска за пораките за поддршка и желби за брзо закрепнување што ги доби синоќа и денеска.

– Јавноста ќе биде навремено информирана за здравствената состојба на претседателот на Република Српска, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Српска.

Додик вчера беше итно хоспитализиран поради акутни болки. Во болницата го посети и српскиот претседател Александар Вучиќ и му посака брзо закрепнување.

„Го посетив претседателот Милорад Додик пред утрешната интервенција и му посакав брзо закрепнување и добро здравје. Очекувам продолжување на соработката и нови средби со раководството на Српска. Ни претстои многу заедничка работа“, рече Вучиќ.

„Според првата дијагноза, по потребните подготовки, ќе има операција на хранопроводот и желудникот на претседателот Додик. Јавноста ќе биде навремено информирана за здравствената состојба на претседателот на Република Српска“, изјавија вчера од кабинетот на Додик.

Текстот Успешно опериран Милорад Додик, од операционата сала е префрлен на одделението за интензивна нега е превземен од МАКФАКС.