Шведскиот премиер Улф Кристерсон оцени дека денеска е „историски ден“ за земјата, откако унгарскиот парламент ја ратификуваше кандидатурата на Шведска за НАТО, со што е отстранета и последната пречка за таа нордиска земја да се приклучи на Алијансата.
„Денеска е историски ден. Парламентите на сите земји-членки на НАТО гласаа за членство на Шведска во НАТО. Шведска е подготвена да ја преземе својата одговорност за евроатлантската безбедност“, нагласи Кристерсон во изјава објавена на мрежата Икс.
Унгарскиот парламент денеска ја одобри кандидатурата со 188 гласа „за“ и шест гласа „против“ членството на нордиската држава. Унгарија беше единствената од 31 земја-членка на НАТО која досега не го ратификуваше приемот на Шведска. Сите членки на Алијансата мора да се потпишат на барањата пред да биде примена нова земја.
Шведска официјално ќе се приклучи на Алијансата откако ќе го поднесе својот инструмент за пристапување до владата на САД, која е депозитар на Северноатлантскиот договор.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека Шведска ќе се приклучи на Алијансата сега кога сите сојузници ја одобрија кандидатурата на официјален Стокхолм за приклучување.
„Членството на Шведска ќе нè направи сите посилни и побезбедни“, потенцираше генералниот секретар.
Шведска поднесе барање за членство во НАТО заедно со Финска во мај 2022 година во услови на руската војна против Украина. Финска стана 31-ва членка на Алијансата на почетокот на април лани.