Обидот на Русија да го освои источноукраинскиот град Покровск е неуспешен, соопшти Украинскиот центар за безбедност и соработка, по месеци жестоки борби и бавно напредување на Русија околу градот.
Русија долго време се обидува да го освои Покровск, но наместо директно да го нападнат градот, руските сили маневрираат јужно од него и напредуваат кон границата со Дњепропетровската област.
Покровск е важен логистички центар и со месеци е едно од главните жаришта на борбите на фронтот. Киев го опишува како „тврдина“ во одбраната на истокот на земјата, со силни врски со други клучни градови под украинска контрола.
„Гледаме координирана руска информативна кампања која се обидува да го прикрие својот неуспех – фактот дека ја загубија битката за Покровск“, изјави Серхиј Кузан од Украинскиот центар за безбедност и соработка за Радио НВ.
Иако руските сили направија делумен напредок околу градот, Покровск сè уште останува под украинска контрола.
Според тврдењата на Киев, руските загуби во битките за Покровск се многу пати поголеми од украинските. Овие податоци не се независно потврдени, но руската армија е позната по таканаречената тактика на „мелница за месо“ – испраќање голем број војници во фронтални напади, без оглед на загубите.
Кузан вели дека Украина правилно ја спроведе својата одбранбена стратегија, прекинувајќи ги руските рокови и оневозможувајќи ги нивните пошироки планови за летна офанзива. „Нивните планови пропаднаа, сега заостануваат зад сопствениот распоред, а тој е клучен за нивниот летен напад“, рече Кузан.
„Тие не можат да нè избркаат од Донецката област затоа што ги запревме во близина на Покровск“, додаде тој.
Текстот Украинците прогласија победа во една од клучните битки е превземен од МАКФАКС.