Инвазијата на Украина не би била „едноставна прошетка во паркот“ за Русија, бидејќи украинските војници би се бореле до последен здив за секој метар земја, предупреди украинскиот командант на сите копнени сили, пишува Sky News.
Генералот Олександар Сирски изјави дека неговите војници започнуваат серија воени вежби на северот на Украина, во близина на границата со сојузникот на Москва, Белорусија, каде руските и белоруските сили, од друга страна, спроведуваат голема заедничка воена вежба.
56-годишниот генерал рече дека украинските војници ќе спроведуваат обука и на југ. Вежбите ќе вклучуваат тестирање на ново оружје на САД и Велика Британија и обука за одбивање воздушни напади.
Тоа е дел од напорите да се одврати рускиот претседател Владимир Путин да нареди напад врз Украина откако собра повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница.