Украински преговарач е убиен од Украинската служба за безбедност, откако наводно ја предал земјата комуницирајќи со Русија. Денис Киреев, член на украинската делегација на првите преговори одржани во Гомел, бил убиен додека траела акцијата за негово апсење под сомнение за велепредавство, јавува медиумот „Украинска Правда“. Истиот извор открива дека постоеле силни докази оти тој ѝ пренесувал тајни информации на Русија. Сепак, сите овие информации официјален Киев не ги потврдува и не се знае дали сето ова ќе влијае на плановите за третата рунда преговори меѓу Украина и Русија. Таа беше планирана за викендов, но засега не е закажана. Во меѓувреме, руската страна ја обвинува Украина дека ги одложува средбите без објаснување.
„Украинската страна, најзаинтересираната страна овде, очигледно постојано создава разни изговори за да го одложи почетокот на уште една средба. Средбите се спречуваат, ги одложуваат договорените датуми. Сè уште не сме добиле нов датум. Како што знаат нашите украински колеги, од синоќа сме подготвени да го започнеме овој трет круг преговори“, рече Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи на Русија
Русија дури му постави јавно прашање на украинскиот претседател Зеленски:
„Имам прашање, ако тој е толку загрижен што НАТО не интервенира за него како што се надеваше, дали тоа значи дека тој се потпира на решавање на конфликтот преку вклучување на НАТО во оваа приказна, а не преку преговори?“, рече Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи. /Алсат.мк
Фатлуме Дервиши