Нападот на украинските сили врз едно погранично складиште за нафта во Русија го натера Кремљ да реагира велејќи дека мировните преговори може да бидат доведени во прашање. Утрово украинските воздухопловни сили наводно го нападнале складиштето во пограничниот град Белгород, иако украинскиот министер за надворешни работи Димитро Кулеба, изјави дека нема информации за таков напад, навестувајќи дека Украина не стои зад него.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, при посетата на Индија изјави дека во Украина нема војна, туку специјална операција чија цел е демилитаризација на Киев, што според него претставува закана за Москва. Лавров изјави дека има напредок од разговорите меѓу двете земји, а новата рунда разговори се одржа денеска онлајн.
„Воената инфраструктура е нападната. Целта е да се собори режимот на Киев од неговите капацитети за да претставува закана за Русија. Овој нивен капацитет со години го градеа и дополнуваа САД и НАТО, кои имаа за цел да ги свртат нашите соседи на линијата на фронтот против Русија“, изјави Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи:
Украинската армија објави дека руските сили почнале да се повлекуваат од Киев до границата со Белорусија, додека портпаролката на украинското Министерство за одбрана рече дека руската војска конфискувала храна наменета за евакуирани цивили во хуманитарниот коридор Мариупол. Градот Чернихив е ставен под целосна контрола на украинската армија. Украинската цивилна заштита соопшти дека евакуацијата на цивилите во градот Ирпин станала потешка поради уништувањето на мостовите. Украинското воено разузнавање процени дека руската армија подготвува тежок воздушен и копнен напад во провинцијата Донбас. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска најави разрешување на двајца претпоставени од државната безбедност осомничени за предавство. Во петтата недела од борбите, бројот на украинските бегалци надмина 4 милиони. /Алсат.мк
Адријан Керими