Лавови и мечки, покрај вообичаените домашни миленици, се меѓу животните кои останаа без грижа во домовите каде живееја во Украина бидејќи луѓето ги напуштија своите живеалишта бегајќи од руските сили, велат активистите за заштита на животните.
Според нивните процени, има илјадници заробени животни во приватни домови во Украина вклучувајќи лавови, тигри, мечки волци, крокодили и питони. Таму е легално луѓето да купуваат вакви животни сè додека тие се одгледани во заробеништво, тоа значи дека животните се родени во фарми, приватни зоолошки и слично, односно не се заловени од природата.
Едно од животните кои се оставени сами на себе е и двегодишната лавица Рура, чија приказна ја пренесува Би-би-си.
Таа била оставена во фарма во Хостомел (во близина на Киев), од каде нејзиниот сопственик избегал, а 78-годишната сосетка Асија Серпинска, која работи во едно од најголемите засолништа за кучиња во Украина, е таа која ја пронашла лавицата Рура.
Кога кај шталата на нејзиниот сосед во Хостомел избувнал огран при еден од нападите на руските сили на 2 март, Асија влегла кај соседот за да ги ослободи птиците, зајаците и лисиците од кафезите. За нив, таа знаела дека соседот ги чувал, но не знаела дека ја има и лавицата Рура. Случајно ја пронашла во подрумот.
„Немаше кој да ја храни и изгледаше прилично немирна и вознемирена. Затоа почнавме да и даваме кучешка храна и вода“, раскажува сосетката Асија.