„Сетете се на 11 септември кога непријателот уби цивили од воздух и затворете го воздушниот простор над Украина“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќањето пред американските конгресмени, истовремено споделувајќи емотивно видео.

Advertisements

„Да, нападот беше од воздух. Како што никој не очекуваше, а не можете да го запрете. Со тоа нашата земја се соочува секоја ноќ, веќе три недели. Русија го претвори украинското небо во извор на смрт на илјадници луѓе“, рече Зеленски.

Во најмала рака, додаде Зеленски, овозможете ни одбранбени системи и борбени авиони.

Додека украинскиот претседател бара дополнителна воена поддршка од Вашингтон, во Брисел министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО заседаваат за новите чекори на Алијансата.

„НАТО сојузниците воведоа строги санкции кон Русија. Сојузниците обезбедуваат значителна поддршка за Украина – воена поддршка, финансиска поддршка и хуманитарна поддршка, но воедно ние ја зајакнуваме нашата колективна одбрана“, рече Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

„Украина има легитимна и суверена влада и секако ги поддржуваме во нивната одбрана и ќе продолжиме да ги поддржуваме и понатаму“, рече Лојд Остин – секретар за одбрана на САД.

Инаку, Зеленски на вчерашната средба во Киев со полскиот премиер Матеуш Моравецки, чешкиот Петр Фиала и словенечкиот Јанез Јанша, истакна дека Украина јасно ќе потврди дека се откажува од зачленување во НАТО. Во меѓувреме, неутралниот статус на Украина е главна тема во преговорите со Москва. Како што известија од Кремљ, Русија бара демилитаризирана воено-неутрална Украина, по урнекот на Шведска, која не е дел од НАТО. Сепак, за безбедноста на Шведска не постојат меѓународни гаранции, па оттаму Киев го отфрли предлогот.

„Украина се наоѓа во директна војна со Русија. Затоа на земјата не ѝ е потребен шведски или каков било друг модел, туку е потребен ‘украински модел’, односно безбедносни гаранции од партнерите кои лиферуваат оружје кога е тоа неопходно и затворање на небото над Украина кога земјата би била напаѓана од воздух“, рече Михајло Подољак – украински преговарач.

Рускиот министер Лавров, не ја исклучи можноста за дополнителни безбедносни гаранции кои ги бара Киев.

„Сите опции се можни, особено за општо прифатливи безбедносни гаранции, како за Украина, така и за сите земји вклучително и Русија, но за сметка на проширувањето на НАТО. Сега токму ова се разговара на преговорите. Има конкретни формулации кои според мене, се блиску до договор“, рече Лавров.

Лавров истакна дека Москва е подготвена за преговори и со вклучена трета страна и додаде дека Турција би можела да е домаќин на евентуална средба Путин-Зеленски.

Лука Андреев