Украинската армија објави дека воздушната одбрана во Киев одбила нов масовен напад на беспилотни летала врз градот. Воените началници соопштија дека одбраната на Киев ги уништила сите 36 беспилотни летала за време на тричасовниот напад.
Шефот на цивилната и воена администрација на Киев, Серхи Попко, на апликацијата Телеграм објави дека руските сили повторно го нападнале Киев, а според првичните информации, како што додаде, во масовниот напад учествувале беспилотни летала од типот „шахед“ од иранско производство.
Тој додаде дека сите воздушни цели кои се движеле во правец на Киев се уништени од страна на украинските системи за противвоздушна одбрана.
Откако украинската армија објави дека соборила 36 беспилотни летала од иранско производство, претседателот Володимир Зеленски ја обвини Русија за тероризирање и ги повика Иранците да го преиспитаат снабдувањето со смртоносни беспилотни летала за руската војска.