Украина соопшти дека нејзините сили ги принудиле руските војници да го напуштат Змискиот Остров во близина на Одеса во Црното Море, додека Москва тврди дека се повлекле во знак на добра волја, за да покажат дека земјата не го попречува извозот на земјоделски производи од Украина.
Advertisements
„Веќе нема руски војници на Змискиот Остров. Нашите оружени сили завршија голема работа“, напиша Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер, објавувајќи фотографија на кои се гледаат облаци чад над малиот, но стратешки важен остров, кој беше заземен од Русија на почетокот на инвазијата.
Руското Министерство за одбрана потврди дека нивните сили го напуштиле островот, кој се користеше како база противбродски и противвоздушни, како и радарски системи. Тие соопштија дека повлекувањето дошло, откако војниците стационирани таму ги извршиле сите должности кои им биле доделени.
Контролата врз Змискиот Остров, лоциран на околу 40 километри од украинскиот брег, ѝ овозможи на Русија да ги загрози морските патишта што водат до и од Одеса, главното украинско пристаниште за извоз на жито во светот.
Островот стана симбол на отпорот за Украина, кога граничарите стационирани таму ги одбија руските барања да се предадат. Наместо предавање, еден од граничарите испрати порака со пцовка до рускиот брод Москва.