Унгарскиот премиер Виктор Орбан доби уште еден мандат. Резултатите покажуваат дека Орбан е апсолутен победник со 2/3 од пратеничките места во Собранието. Коалицијата предводена од евроскептикот Орбан обезбеди 53 отсто или 135 пратенички места, додека неговиот противкандидат Петер Марки-Зај со коалицијата „Обединети за Унгарија“ обезбеди 35 отсто или 56 места. Во своето прво појавување по изборниот резултат, Орбан рече дека големата победа се гледа дури до Брисел.
„Оваа победа треба да се памети до крајот на нашиот живот бидејќи имавме повеќе од кога било непријатели што требаше да ги победиме. Унгарската левица, меѓународната левица, бриселските бирократи, парите на Сорос, меѓународните медиуми, вклучително и украинскиот претседател“, рече Орбан.
За опозицијата изборите се добиени со пропаганда и притисок од државата.
“Беше неправедна војна, но ние учествувавме бидејќи верувавме дека ќе ги победиме изборите, и покрај врзаните нозе и ножеви зад грб кои ни ги правеа“, рече Питер Марки-Зај, претседател на Алијансата за Унгарија.
Орбан е единствениот лидер на ЕУ кој не воведе санкции кон Русија по инвазијата на Украина. Во штабот на Виктор Орбан присуствуваше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од Александар Николовски. Мицкоски му ја честиташе победата на Орбан. СДСМ го обвини Мицкоски дека отишол во Будимпешта на средба со поранешниот премиер Никола Груевски, но Мицкоски тоа го демантираше.
Адриан Керими