Пo речиси пет години во бегство, вчераутро во Италија беше уапсен Пасквале Бонавота (49), шеф на мафијата „Ндрангета“. Станува збор за човек кој бил вклучен во полициската листа на најопасни криминалци, пишува Си-би-ес.
Бонавота се бараше од ноември 2018 година, откако избегна налог за апсење за убиство и врски со мафијата, издаден од судија во Калабрија, јужна Италија. Тој е уапсен во северниот пристанишен град Џенова, соопшти италијанската полиција.
Локалните медиуми наведуваат дека мафијашот бил уапсен кога излегувал од градската катедрала и дека со себе имал лажна лична карта.
Бонавота се смета за мозок на кланот Бонавота на Ндрангета, кој ги вклучува неговите двајца браќа. Нивното „седиште“ се наоѓа во областа Сант Онофрио во калабриската провинција Вибо Валентиа. Кланот оперира и околу Рим и во северните региони Пиемонт и Лигурија, која ја опфаќа Џенова, пишува Си-би-ес.
Ндрангета е најмоќната и најбогатата италијанска мафија која го контролира најголемиот дел од кокаинот што се влева во Европа и оперира во повеќе од 40 земји ширум светот. Овој клан, не само што е вклучен во доменот на трговија со дрога и лихварство, туку користи и фиктивни компании како покритие за реинвестирање на нелегалниот профит во легитимен бизнис.