Руско-францускиот милијардер, Павел Дуров, основач и прв човек на апликацијата за пораки Телеграм, е уапсен на аеродромот Бурже надвор од Париз во саботата вечерта, објавија француските телевизии ТВ TF1 и BFM TV, цитирајќи неименувани извори, пренесе новинската агенција Ројтерс.
Дуров е дел од полициска истрага фокусирана на недостатокот од модерација на Телеграм, што се користи во криминални операции, перење пари, комуникација меѓу терористи и ширење педофилски содржини. Тој се соочува со можно обвинителен акт, јавуваат француските медиуми. Енкрипцијата и слободниот проток на информации стана атрактивен и за голем број криминални и терористички мрежи во светот. Минатата година, ЦивилМедиа објави прилог за тоа како апликацијата Телеграм стана средство за пропаганда на Хамас.
Руското МНР, Илон Маск, Такер Карлсон, ултрадесничарските блогери и слични – побараа ослободување на Дуров
Руското МНР, преку соопштение на својата амбасада во Париз влезе во одбрана на Дуров и ги повика западните невладини организации да бараат негово ослободување. Тоа е чуден потег, особено ако се земе предвид дека руските власти почнаа со притисок и блокади на Телеграм уште во 2018 година, откако апликацијата одби да се усогласи со судскиот налог за давање пристап на државните безбедносни служби до шифрираните пораки на корисниците. Блокирањето на платформата предизвика прекин на многу услуги од трети страни, но имаше мал ефект врз достапноста. Наредбата за забрана, пак, предизвика протести во Москва и критики од невладините организации.
Претставникот на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, и неколку други руски политичари побрзаа, ден по апсењето на Дуров, да ја обвинат Франција дека се однесува како диктатура – истата критика со која се соочи Москва кога му постави барања на Дуров во 2014 година и се обиде да ја забрани Телеграма во 2018 година.
Во повеќе македонски медиуми, апсењето на Дуров предизвика внимание низ призмата на протестните пораки и повици, кон кои се приклучија повеќе руски блогери, но и Илон Маск и Такер Карлсон, познати по своите ултрадесничарски и проруски ставови и изјави.
Телеграм – прибежиште на криминални и терористички мрежи
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, Телеграм стана „виртуелно бојно поле“ со нефилтрирани, а понекогаш и графички и погрешни содржини за конфликтот.
Телеграм им овозможува на корисниците да ја избегнат официјалната контрола и често е извор каде што Русите можат да пристапат до независни вести за војната, откако Кремљ ги стави под целосна контрола сите медиуми во земјата.
Телеграм е платформа со енкрипција на пораките што во моментот има близу една милијарда корисници. Особено е влијателна во Русија, Украина и во републиките на поранешниот Советски Сојуз. Рангирана е како една од главните платформи за социјални медиуми по Facebook, YouTube, WhatsApp, Instagram, TikTok и WeChat.
Павел Дуров е роден во Русија, а платформата Телеграм ја основа заедно со брат му во 2013 година. Ја напушта Русија во 2014 година, откако одби да ги исполни барањата на властите да ги затвори опозициските заедници на неговата социјална медиумска платформа ВКонтакте, која подоцна ја продаде. Неговото седиште сега е во Дубаи. Форбс го проценува неговото богатство на 15,5 милијарди долари.
Зголемената популарност на Телеграм предизвика внимание и загриженост во неколку земји во Европа, вклучително и Франција, поради опасност за нарушување на безбедноста.
Подготви: Џ. Д. / ЦивилМедиа