Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Анкара подготвува нов проект што ќе овозможи доброволно враќање на еден милион сириски бегалци во нивната земја. Турција ќе ги охрабрува бегалците со тоа што ќе им гради станови и локална инфраструктура. Во земјата сега живеат околу 3,6 милиони сириски беглаци, кои побегнале таму по избувнувањето на граѓанската војна во 2011 во Сирија.
Advertisements
Ердоган новиот проект го најави на церемонијата за инаугурација на новите куќи изградени во Идлиб во северна Сирија. Тој присуствуваше на церемонијата преку видео-врска. Турскиот претседател се соочува со зголемен гнев во јавноста поради присуството на бегалците и е претпазлив по ова прашање оти следната година треба да се одржат парламентарни и претседателски избори.
Тој рече дека „откако Турција ги започнала своите прекугранични операции во 2016 година, околу 500.000 Сиријци се вратиле во безбедните зони во северна Сирија“.
Според проектот, Турција, освен во изградба на куќи, исто така, ќе помогне во изградбата на училишта и болници за да им служи на оние што се враќаат и ќе помогне во инфраструктурата потребна на локалната економија, „од земјоделство до индустрија“.
Се очекува најмалку 100 илјади домови да бидат подготвени до крајот на 2022 година.
Турција прими речиси пет милиони беглаци од Сирија и Авганистан, но нивното присуство предизвика незадоволство кај локалното население, особено откако земјата минатото лето претрпе економска криза.