Турција го блокираше пристапот до Инстаграм

Турција го блокираше пристапот до платформата Инстаграм, објави денеска регулаторот за инфотехнологија, без да ја прецизира причината или времетраењето на забраната, што ја остави недостапна и мобилната апликација на платформата.

Како што пренесува МИА, овој потег уследи по коментарите на турскиот службеник за комуникации, Фахретин Алтун, од пред два дена, кога ја критикуваше платформата за, како што ја нарече, нејзината одлука да блокира пораки со сочувство за убиството на Исмаил Ханија, лидерот на палестинската милитантна група Хамас.

„Ова е цензура, чиста и едноставна“, изјави Алтун, директор за комуникации на турското претседателство, на мрежата Х, додавајќи дека Инстаграм не навел никакви прекршувања на правилата за своите постапки.

Матичната компанија на Инстаграм, Meta Platforms Inc, веднаш не ја коментираше забраната или коментарите на Алтун.

Турската управа за информатичка технологија и комуникации (BTK) ја објави одлуката на својата веб-страница, наведувајќи дека „instagram.com е блокиран со одлука од 2 август 2024 година“, без дополнителни детали.

Инстаграм има повеќе од 50 милиони претплатници во Турција.