Турскиот парламент во наредните денови ќе започне разгледување на предлог-закон кој предлага построги казни за малолетници кои извршуваат тешки кривични дела, објавија локалните медиуми.
Промените се разгледуваат од страна на парламентарната комисија за правда, која е составена од претставници на владејачката Партија на правдата и развојот, како и правни експерти.
Според предложените измени во кривичниот закон, горната граница за должината на казната за лица постари од 15 години и помлади од 18 години ќе се помести на 27 години затвор.
Доколку сторителот на тешко кривично дело бил малолетник во времето на извршувањето и постар од 15 години, може да биде осуден на затворска казна од 18 до 27 години.
Според законот, малолетниците на возраст меѓу 15 и 18 години кои ќе извршат убиство со умисла нема да добијат намалена казна ако се утврди дека убиството е извршено на суров и однапред смислен начин или ако претходно биле осудени за други кривични дела.
Текстот Турскиот парламент ќе разгледува закон за построги казни за малолетници кои извршуваат тешки кривични дела е превземен од МАКФАКС.