Во гимназијата во Сански Мост денеска се случила престрелка во која има ранети и убиени. Како што неофицијално дознава Аваз, загинале најмалку три лица, сите вработени во училиштето. Klix.ba пишува дека се убиени директорот и секретарката на училиштето.
Пукањето се случило утрото, а по делото осомничениот се обидел да се самоубие.
– Пукањето се случи во 10:15 часот. Машко лице Н.Н., со автоматско огнено оружје уби тројца вработени во училиштето. После тоа најверојатно се обидел да си пресуди и се здобил со тешки телесни повреди. Тој е префрлен во Ургентниот центар во Бања Лука. Полицијата е на лице место – изјави портпаролот на МУП на Унско-санскиот кантон за Аваз.
„Независне“ пишуваат дека осомничениот всушност е помошен работник на тоа училиште кој вооружен влегол во училишната зграда каде барал одредени лица. Мотивот за нападот наводно се одредени несогласувања кои постоеле порано бидејќи луѓето во кои пукал биле дел од комисијата која го суспендирала.
Осомничениот ги застрелал директорот на гимназијата, професорката по англиски јазик и секретарката на училиштето.