Националистичката бугарска партија „Преродба“ потпиша договор за соработка со владејачката партија на Руската Федерација „Единствена Русија“. Ова се случи и покрај фактот што Русија официјално ја прогласи Бугарија за непријателска држава по почетокот на сеопфатната инвазија на Украина, дознава „Еурактив“, а пренесува УНН.

„Договорот предвидува размена на искуства, идеи и политичка пракса меѓу двете партии и претставува важен позитивен чекор кон обновување на целосните бугарско-руски односи“, наведуваат од партијата „Преродба“.

Договорот го потпишаа заменик-претседателот Цончо Ганев, кој е и потпретседател на Народното собрание и Владимир Јакушев – заменик претседател на Горниот дом на Државната дума на Руската Федерација.

Како што пишува УНН, „Преродба“ нема ништо против тоа што Русија ја прогласи Бугарија за непријателска држава по почетокот на војната во Украина и продолжува да ги одржува односите со владејачката партија.

Според достапните информации, „Преродба“ е третата по големина партија во бугарскиот парламент: по изборите во октомври 2024 година има 33 мандати од вкупно 240. Партијата отворено се противи на членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, се залага за неутралност во војната на Русија против Украина и шири проруски наративи на социјалните мрежи.

Претходно таа неуспешно се обиде да организира референдум за забрана на воведувањето на еврото.

Исто така, оваа партија влезе во бугарскиот парламент благодарение на нејзиниот цврст став против вакцините и карантинот за време на пандемијата на Ковид.

Текстот Третата најголема партија во Бугарија потпиша соработка со партијата на Путин е превземен од МАКФАКС.