Cтрумичкиот прволигаш, кој во новата сезона ќе го носи името Академија Пандев Брера Струмица, се договори со Џовани Валенти и нему ќе му ја довери клупата во наредниот период.
Сите детали околу договорот на 47-годишниот италијанец се перфекционирани и наскоро следи официјализација. Валенти доаѓа во Струмица од младинскиот погон на Парма, каде ја водеше екипата до 18 години. Во 2019 и 2020 година беше асистент во репрезентацијата до 19 и 20 години, а претходно работеше во младинските категории на Јувентус, Бреша и Милан.
На Валенти ќе му помага 56-годишниот Микеле Кавали, кој во својата кариера работеше во Шахтјор, Сасуоло и Јувентус. Тренер на голмани ќе биде Алесандро Пегорари, кој исто како и во Валенти, до минатата сезона работеше во Парма. Кондиционен тренер на екипата останува Дарко Коцев.
Со оваа структура Брера ќе го означи новиот почеток, во кој наскоро ќе промовира и засилувања за сезоната 2023/24. Акцент ќе биде ставен на млади фудбалери и нивниот развој. Горан Пандев останува претседател на клубот и целосно ќе биде упатен во случувањата на клубот.
Новата сезона во ПМФЛ ќе започне на 5/6 август./Gol.mk/