Јапонската премиерка Санае Такаичи и американскиот претседател Доналд Трамп влегоа во завршна фаза од изготвувањето на договор за обезбедување на ретки земни метали и други клучни минерали и зајакнување на синџирите на снабдување, објави денес весникот „Асахи“.

Договорот, кој двајцата лидери планираат да го потпишат на состанок подоцна денес, има за цел да ги реши загриженостите за економската безбедност откако Кина ги заостри контролите за извоз на ретки земни метали во октомври, кои се неопходни за производство на производи, од паметни телефони до борбени авиони, објави весникот, повикувајќи се на јапонски владини претставници.

Белата куќа првично планираше да воведе дополнителна царина од 100 проценти на кинескиот извоз како одговор на доминацијата на Кина во глобалното производство. Но, Вашингтон и Пекинг подготвија рамковен договор завчера што би можел да го запре зголемувањето на американските царини и кинеските ограничувања за извоз на критични минерали.

Трамп веќе обезбеди ветување од Токио за инвестиции од 550 милијарди долари во замена за намалување на високите царини за увоз. Новоизбраната јапонска премиерка Санае Такаичи се надева дека денес дополнително ќе го импресионира Трамп со ветувања за купување американски камиони, соја и гас и објавување договор за бродоградба, изјавија извори запознаени со плановите за Ројтерс.

Јапонската лидерка, исто така, планира да го номинира Трамп за Нобелова награда за мир и презема чекори за формално да го извести за својата намера, објави телевизијата НТВ, повикувајќи се на неколку владини извори.

Тој треба да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг задутре пред самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја за да ги потврди условите на договорот.

фото: принтскрин

Текстот Трамп ќе потпише договор со јапонската премиерка за трговија и клучни минерали е превземен од МАКФАКС.