Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше економската и воената позиција на Москва во светлината на војната во Украина, велејќи дека руската економија е во „катастрофална состојба“ и дека „оди по ѓаволите“, пренесуваат светските медиуми.

По средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Трамп рече дека „Русија стави сè на коцка и не постигна речиси никакви територијални придобивки“. Според него, Москва потрошила милијарди на бомби, ракети и човечки животи, а исходот е незадоволителен. „Мислам дека е време да се запре. Навистина мислам“, рече тој.

Покана до Турција да се откаже од руската нафта

Трамп нагласи дека Анкара би можела да игра клучна улога во забрзувањето на крајот на конфликтот, доколку се откаже од руската нафта. Според него, Турција има „многу опции“ за снабдување со енергија, за разлика од Унгарија или Словачка, кои немаат алтернативни извори преку морето.

Спротивставени проценки за Москва
Додека Трамп предупредува дека руската економија се урива, официјална Москва испраќа различни сигнали. Гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, неодамна истакна дека земјата продолжува да бележи умерен раст, додека претседателот Владимир Путин нагласи дека западните санкции не ја скршиле руската економија, предупредувајќи дека самата Европа се балансира на работ на рецесија.

Американско-руските контакти продолжуваат
И покрај жестоката реторика, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон не се прекинати. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио разговараа за можните начини за решавање на украинската криза во Њујорк, надоврзувајќи се на договорите постигнати за време на претходните состаноци.

Фото: принтскрин

Текстот Трамп: Русија тоне, време е да запре е превземен од МАКФАКС.