Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија е подготвена да потпише мировен договор, но дека убедувањето на Украина да се согласи со договорот е „потешко отколку што очекуваше“, пренесува Анадолија.

„Мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да се договориме со Зеленски и се надевам дека ќе направиме. Мислев дека ќе биде полесно да се договориме со Зеленски. Досега беше потешко. Но, добро, тоа е во ред“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

Тој додаде дека верува оти има „договор од двете страни“ и изрази надеж дека тој ќе се реализира.

„Сакам да спасувам животи. Трошиме многу пари, но тука се работи за хуманост“, рече Трамп.

Претходно истиот ден, Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски за изјавата на прес-конференција во вторникот на која тој ја отфрли можноста за признавање на руската окупација на Крим.

„Таа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија, имајќи предвид дека Крим беше изгубен пред многу години, кога претседател беше Барак Обама, и веќе не е ниту тема на разговор“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

„Никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако тој го сака тоа, зошто не се бореа за него пред единаесет години кога и беше предаден на Русија без ниту еден истрел?“

На прашањето дали договорот, кој, според него, Русија го прифаќа, вклучува и признавање на рускиот суверенитет над Крим, Трамп нејасно одговори:

„Се е во ред. Видете, јас само сакам војната да заврши. Не ми е гајле. Ако двете страни се среќни и го потпишат договорот, тоа е најважно. Немам фаворити. Сакам само договор. Сакам да се спасат животи“.

Трамп најави дека постои можност за средба со Владимир Путин кон средината на мај, за време на планираната посета на Саудиска Арабија, но додаде дека средбата „најверојатно нема да се случи тогаш“.

„Мислам дека ќе се сретнеме наскоро потоа“, рече тој.

Текстот Трамп: Русија е подготвена за мир, но Украина не е е превземен од МАКФАКС.