Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наскоро ќе донесе одлука дали да го прекине привремениот правен статус на околу 240.000 Украинци кои избегаа од војната со Русија, а неговите коментари доаѓаат по извештајот на Ројтерс дека неговата администрација го планира овој потег.

Таквата одлука би претставувала драматичен пресврт од гостопримството што Украинците го добиваа под администрацијата на претседателот Џо Бајден и потенцијално ќе ги изложи на забрзана депортација.

„Не сакаме никому да му наштетиме, секако не сакаме нив да им наштетиме и ја разгледуваме таа можност. Некои мислат дека е правилно, некои не, и наскоро ќе донесам одлука“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

Планираното отстранување на заштитата за Украинците е дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп да го одземе правниот статус на повеќе од 1,8 милиони мигранти на кои им беше дозволен влез во САД во рамките на хуманитарните програми под администрацијата на Џо Бајден, изјави за Ројтерс висок функционер од администрацијата на Трамп и тројца извори запознаени со плановите.

Укинувањето на правниот статус би можело да стапи на сила веќе во април, велат истите извори. Тие додадоа дека плановите за оваа одлука започнале пред Трамп јавно да се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела.

Портпаролката на Белата куќа Каролина Левит го демантираше извештајот на Ројтерс во објава на социјалната мрежа Икс, велејќи дека „во овој момент не е донесена никаква одлука“. Портпаролката на американското Министерство за домашна безбедност, Триша Меклафлин, исто така, во средата рече дека нема нови официјални најави. Украинските власти не ја коментираа ситуацијата.

Извршната наредба на Трамп му наложи на Министерството за домашна безбедност „да стави крај на програмите од сите категории за условни дозволи за престој“.

Покрај 240.000 Украинци кои избегаа од руската инвазија и 530.000 мигранти од Латинска Америка, во овие програми се вклучени и повеќе од 70.000 Авганистанци кои избегаа од владеењето на Талибанците.

Текстот Трамп размислува за депортација на 240.000 Украинци: „Ќе одлучам наскоро“ е превземен од МАКФАКС.