Соединетите Американски Држави прифатија луксузен авион дониран од Катар како дел од идната флота „Ер Форс уан“, што предизвика бран критики – дури и меѓу блиските поддржувачи на претседателот, Доналд Трамп.
„Секретарот за одбрана го прифати Боингот 747 од Катар во согласност со сите федерални закони и прописи“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
Авионот, кој доаѓа од флотата на катарското кралско семејство, вреди околу 400 милиони долари и ќе мора да претрпи голема модернизација, вклучително и безбедносни надградби, пред да може да се користи за претседателски транспорт.
Белата куќа инсистира дека подарокот е легален, но веста за трансферот на авионот минатата недела предизвика голема политичка полемика.
Подарокот доаѓа во време кога американскиот Устав, во таканаречената клаузула за емолументи, експлицитно им забранува на владините службеници да прифаќаат подароци од странски влади без одобрение од Конгресот – и во овој случај, такво одобрение не се барало ниту било дадено.
Претседателот Трамп тврди дека се е легално бидејќи авионот му бил предаден на Министерството за одбрана, а не на него лично. Тој нагласи и дека нема да го користи авионот по завршувањето на мандатот, туку ќе биде префрлен во неговата претседателска библиотека.
Бранејќи ја одлуката минатата недела, Трамп рече: „Ни даваат подарок“. Тој додаде дека би било „глупаво“ да се одбие авионот.
Авионот сè уште ќе бара години работа и десетици милиони долари инвестиции за да се прилагоди на стандардите потребни за транспорт на американскиот претседател, вклучувајќи безбедносни системи, опрема за комуникација и одбранбени механизми.