Американскиот претседател Доналд Трамп денес разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, еден ден пред најавената средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека разговорот бил „многу продуктивен“.
„Претседателот Путин ми честиташе мене, како и на Соединетите Американски Држави, за големото достигнување – мир на Блискиот Исток – нешто за кое, како што рече, се сонувало со векови. Навистина верувам дека успехот на Блискиот Исток ќе помогне во нашите преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина“, додаде американскиот претседател.
Тој, исто така, изјави дека трговијата меѓу Русија и САД е дискутирана кога ќе заврши војната во Украина.
„Се договоривме дека следната недела ќе се одржи состанок на нашите високи советници. Првичните состаноци од американска страна ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со неколку други лица кои ќе бидат одредени подоцна. Местото на состанокот ќе биде одредено подоцна. Потоа претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорената локација – во Будимпешта – за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „озлогласена“ војна меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп.
Тој потсети дека утре во Белата куќа се среќава со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Специјалниот претставник на Владимир Путин, Кирил Дмитриев, рече дека разговорот меѓу претседателот на Русија и Трамп бил „позитивен и продуктивен“.
Се очекува дека на утрешната средба во Белата куќа, Зеленски ќе побара од Трамп посилна воена поддршка за Киев во конфликтот против Русија. Киев бара од САД да го снабдат со ракети „Томахавк“ со долг дострел, според Ројтерс.
Трамп рече дека би можел да ја снабди Украина со такво оружје ако Путин продолжи да одбива да учествува во мировните преговори.
Амбасадорот на Русија во Велика Британија, Андреј Келин, се придружи на низа московски дипломати кои упатија строго предупредување до САД во врска со можната испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина.
Фото: принтскрин
Текстот Трамп по телефонскиот разговор: Ќе се сретнам со Путин во Будимпешта е превземен од МАКФАКС.