Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвила пакет нови санкции насочени кон клучни сектори на руската економија, подготвен за активирање доколку Владимир Путин продолжи да одолговлекува со завршувањето на војната во Украина, објави „Ројтерс“.

Според американски извори, санкциите би можеле да ги погодат рускиот банкарски сектор и инфраструктурата за транспорт на нафта. Идејата е да се зголеми економскиот притисок врз Москва, додека Вашингтон размислува и за користење замрзнатиот руски имот во корист на Украина.

Трамп, кој минатата недела за првпат по враќањето на функцијата воведе санкции против Русија, изјавил дека сака да се позиционира како „глобален мировник“, но призна дека прекинувањето на војната е потешко од очекуваното.

Во претходниот пакет, санкции беа воведени против нафтените компании „Лукоил“ и „Роснефт“, што доведе до раст на цените на нафтата за повеќе од два долара по барел.

Иако Трамп не е подготвен да ѝ испорача на Украина ракети Томахок, американските и европските партнери оценуваат дека Вашингтон зазема поцврст став кон Москва.

Според „Ројтерс“, Трамп најверојатно ќе почека неколку недели за да ја процени реакцијата на Русија пред да одлучи дали ќе ги активира новите санкции.

Текстот Трамп подготвува нови санкции за Русија е превземен од МАКФАКС.